| четврток, 6 декември 2018 |

Средба на министрите од Западен Балкан: Регионот да зборува во еден глас

Министрите за надворешни работи од Западен Балкан на денешната неформална средба во Сараево се согласија дека вакви состаноци можат да ја зајакнат меѓусебната соработка и разбирање и отвораат можност регионот да „зборува во еден глас“ за работите кои се од заеднички интерес.

Во заедничка изјава, министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора истакнаа дека високо го ценат постојаниот ангажман на ЕУ и нивната поддршка за зајакнување на политичките и економските врски во регионот, како и за европската перспектива на западнобалканските земји.

Министрите потенцираа дека треба да продолжи изградбата на подобри односи во регионот и работата по проекти кои се во интерес на граѓаните, но кои и ќе го олеснат патот на земјите до ЕУ.

На средбата, чија цел беше министрите да разговараат за Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан објавена во февруари, присуствува и бугарскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа истакна дека ЕУ сака да преземе конкретни мерки кои ќе им овозможат на граѓаните на западнобалканските земји да ја „почуствуваат разликата“.

Генералниот директор на Дирекцијата на Европската комисија за соседство и проширување Кристијан Даниелсон изјави дека собирот се одржува во контекст на новата Стратегија за Западен Балкан, која содржи многу јасни принципи за земјите од регионот во нивното настојување за приклучување кон ЕУ.

Даниелсон потенцираше дека на тој пат многу важни се три работи: меѓусебното помирување, реформи кои ќе овозможат владеење на правото и неопходните економски реформи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top