| четврток, 6 декември 2018 |

Се наплатуваат неверојатни камати: Државата да ги спаси граѓаните од извршителите

Ако државата може да земе кредит за да ги деблокира сметките на задолжените општини, исто така може да продаде една даночна обврзница и со средствата да овозможи бескаматно кредитирање на долговите на граѓаните чии сметки се блокирани, а извршителите им наплатуваат неверојатни камати, го изнесоа денеска својот став претставници на граѓанските здруженија „Но пасаран“, „Гласен текстилец“, „Човекот над профитот“ и КСОМ (Конфедерација на синдикалните организации на Македонија), на која изнесоа и нови информации за Законот за извршувањето и за работа на извршителите.

Според нив, не може државата за општините да биде мајка, а за сопствените граѓани маќеа и пред нејзини очи да се случува овој финансиски геноцид и осиромашување на граѓаните.

По прес-конференцијата што се одржа пред Народната банка на Република Македонија, тие своите барања и аргументирани тврдења ги испратија до НБРМ.

– Во проблемот, условно да го наречеме блокирање на трансакциските сметки на граѓаните, се сретнуваме со постапување на носителите на платниот промет, кое значи непочитување на законската регулатива. Проблемот е присутен повеќе години и зема сè поголем замав оставајќи зад себе тешки последици. Убедени сме дека вие како регулатор на платниот промет сте најповикани да го разрешите, а се надеваме дека ќе го изнајдете најдоброто решение, стои во писмото до НБРМ.

Меѓу другите аргументи, претставниците на овие граѓански здруженија истакнаа дека според Законот за платниот промет, единствено носителот на платниот промет е должен да носи решенија за присилна наплата, а тоа според Законот е УЈП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top