| четврток, 6 декември 2018 |

Министерство за здравство: На Клиниката за кардиологија работат професионалци

Министерството за здравство категорично ги демантира тврдењата на д-р Сашко Кедев, кој изјави дека по смената на власта тој на Клиниката за кардиологија е вратен на позиција од пред 25 години.

– Министерството смета дека на д-р Кедев не му доликува во јавноста да изнесува невистини за работата на Клиниката за Кардиологија, на која и тој самиот до неодамна беше директор. Потенцираме дека на Клиниката за кардиологија работат истакнати професионалци од оваа област. Во исто време, тие постојано се доедуцираат во врвни странски и домашни институции. Како Министерство за здравство, ја гарантираме безбедноста на пациентите во процесот на лекување и третман на сите нивоа на здравствени услуги – се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Министерство за здравство ја гарантира безбедноста на пациентите во процесот на лекување и третман на сите нивоа на здравствени услуги.

– Исто така, истакнуваме дека на Клиниката за кардиологија во изминативе неколку месеци не се направени кадровски промени, освен на позицијата шеф на ангио салата. Имено, на оваа функција д-р Жан Зимбаков го замени д-р Сашко Кедев, и сега раководител на ангио – салата е друг искусен интервентен кардиолог. Сметаме дека вчерашните тврдења на поранешниот директор на Клиниката за кардиологија, д-р Сашко Кедев, кои апсолутно се невистинити, се директен удар врз целокупниот здравствен систем од кој, и тој самиот е дел. Нема да дозволиме неоснованите и невистинити забелешки да не одвратат од нашата фокусираност кон вистинските реформски процеси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top