| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска е за што побрз прием на Македонија во НАТО и ЕУ

Реформите се клучни за напредокот на секоја земја на патот кон Европската унија и НАТО, а Македонија е добар пример во однос на нивното досегашно спроведување и процесот за неа ќе се забрза по решавањето на спорот со Грција околу името, порача денеска хрватската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Пејчиновиќ Буриќ на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин Никола Димитров.

– Македонија има пријател во Хрватска и откако ќе се реши прашањето за името ќе ја добие нејзината поддршка за што е можно побрзо вклучување во НАТО и почнување на преговорите за влез во ЕУ, рече Пејчиновиќ Буриќ.

Напомена оти Хрватска ги поздравува напорите на Македонија за да го реши спорот со името на начин на кој ќе се почитуваат дигнитетот и идентитетот на двата народа. Поддршка даде особено и за влезот во НАТО, нагласувајќи дека Хрватската амбасада во Македонија е контакт на земјата со Алијансата.

Димитров посочи оти на средбата била истакната амбициозната цел на Македонија во однос на ЕУ и НАТО во текот на оваа година и додаде оти искуствата на Хрватска се мошне важни за земјава со оглед на тоа што таа последна пристапи во Европската унија.

Пејчиновиќ Буриќ одговарајќи на новинарско прашање да даде некакво искуство од Хрватска со оглед на тоа што и таа земја има се уште нерешен билатерален спор со Словенија и со тој спор стана членка на ОН, НАТО и ЕУ, рече дека билатералните прашања треба да се решаваат на билатерален начин. Потсети дека Хрватска има отворено гранично прашање со Словенија што е наследено од поранешна Југославија, но оти се прават обиди тоа прашање да се реши на билатерално ниво меѓу двете земји.

Во врска со можноста за прием на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ до 2025 година, Пејчиновиќ Буриќ напомена оти не станува збор за фиксна година и додаде дека клучни за влез во Унијата се реформите што секоја земја ги спроведува, но и политичките околности во нив.

– Шесте земји се различни и различно чекорат по тој пат, при што поважен е патот отколку целта и квалитетно спроведување на реформите, рече шефицата на хрватската дипломатија.

Напомена дека некои реформи бараат подолг временски период како правосудните, но оти за ЕУ е мошне важно да согледа дека реформскиот процес отишол толку далеку што веќе нема враќање назад за одредената земја. Смета дека Македонија кога ќе ги почне преговорите за влез во Унијата ќе биде многу поподготвена од некои други земји коишто се во истиот процес.

Билатералните односи, економската соработка, добрососедската политика и регионалната соработка биле теми на разговор на денешната средба меѓу двајцата министри за надворешни работи. Тие заклучиле дека билатералните односи се исклучително добри, трговската размена е солидна, а постои интерес за инвестиции.

Двајцата министри разговарале и за положбата на малцинствата – македонското во Хрватска и хрватското во Македонија и можностите за унапредување на нивната позиција. Пејчиновиќ Буриќ информира дека во мај ќе заседава Мешовитиот комитет на малцинствата на двете земји кој ќе разгледа поконкретни мерки за подобрување на нивната состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top