| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешен руски мајор и близок пријател на Путин: Кој е Иван Савидис, газдата на ПАОК кој вчера со пиштол влета на терен

Иван Савидис, сопственик и претседател на фудбалскиот клуб ПАОК денеска е на насловните страни на европските медиуми, откако пред самиот крај на натпреварот против АЕК, синоќа со пиштол влезе на терен и тргна кон главниот судија. Навивачите на ПАОК чекаат на титула повеќе од три децении, а клубот е во раценете на Савидис од 2012 година. Вчера во дербито од врвот ПАОК постигна гол во судиското продолжение, но судијата го поништи поради офсајд, па почна вистинско лудоло.

Иван Игњатевиќ Савидис е роден во 1959 година во тогашната советска република Грузија. Според „Форбс“ е тежок 750 милиони долари и е 30-от најбогат Русин. Иако, како што може да се види според презимето, Савидис е Грк, поточно потски или кавкаски Грк. Така ги нарекувале Грците кои пред турските освојувачи бегале во Јужна Русија, Украина и Грузија.

Савидис со свои 14 години побегнал од дома и заминал во Ростов во Јужна Русија. Таму преживувал, работејќи со тутун, работа која му останала од младоста од крајот каде сите садат тутун. Преку ден Савидис правел цигари во фабрика, а навечер учел за испитите на факултет. Неколку децении подоцна, тој станал доктор на економски науки и што е најважно, најголем руски преработувач на тутун.

Неговата фабрика „Донској Табак“ годишно произведува 30 милијарди цигари, а секоја десетта цигара која Русите ќе ја испушат е од фабриките на Савидис.

Но, тоа што е најважно, до ваква позиција на која се наоѓа сопственикот на ПАОК не се изборил сам со својата способност, туку во тоа значаен придонес имало и пријателството со вистинскиот човек – Владимир Путин. Рускиот претседател и еден од најмоќните луѓе на светот е близок пријател со Савидис, а Гркот бил член на рускиот Парламент во периодот од 2003 до 2011 година, како пратеник од владејачката Единствена Русија.

Путин особено е горд на Црвената Армија, на својата војска, способностите на истата и на военото наоружување. Тоа го знае Савидис, па како пријателски гест од неговата фабрика секоја година на војниците кои ѝ служат на Русија им подарува по милијарда цигари.

И самиот Савидис служел во Армијата и стигнал до чинот мајор. Тој од 2012 година е на чело на ПАОК откако го презеде клубот со сите свои долгови. Притоа, има неколку фабрики и хотели во Грција, а од неодамна почна да вложува и во медиуми. Сите светски и европски медиуми, како и фудбалската и јавност го осудија неговиот потег кој го сега не беше виден на фудбалски терен, а многумина побараа и доживотен бан од фубалот за него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top