Внимавајте со објавите на „фејсбук“, „твитер“ и другите социјални мрежи, бидејќи сликите и постовите можат да се користат во сите постапки пред судовите на Република Македонија. Сите докази што се прибавени на законски начин може да се изнесат во судска постапка и на нив да се темели одлуката на судот.
Заканата упатена кон премиерот Зоран Заев, за која МВР информираше минатиот месец, е само едно од кривичните дела за кои Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР изготви известување до скопското Јавно обвинителство.
МВР работи на триесеттина случаи во кои преку социјалните мрежи на носители на државни функции во Република Македонија им е загрозена сигурноста, како и случаи каде се злоупотребени нивните лични податоци.
Шест од овие случаи се однесуваат на закани упатени кон премиерот Заев.
Од Јавното обвинителство на Република Македонија потврдуваат дека скрин шот сликите, како и постовите на социјалните мрежи можат да се користат во судските постапки, доколку се прибавени за законит начин.
Објавите се следат и се анализираат и доколку Јавното обвинителство утврди дека постојат елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност ќе реагира.
Во досегашната пракса во Македонија има случаи кога скрин шот сликите и објавите на социјалните мрежи се користат како доказ во кривична постапка.
Што се однесува пак до навреда, од ЈОРМ истакнуваат дека тоа се регулира во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и не спаѓа во дела за кои кривично се гони.
Па според тоа, Јавното обвинителство согласно законските прописи нема надлежност да постапува во случаи каде има навреда или клевета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.