| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ – доста е!

bobi hristov

Боби Христов, уредник во ТВ 24 Вести
Доста е. Време е да се размислува за суспензија на преговорите со ЕУ по последното игнорирање на заслужената препорака за датум за почеток на преговори. На најновото бриселско ignore, несомнено треба да следи едно македонско – сиктер. А откако сите не освести „кој и го смести на Македонија“ , нема посоодветна личност за да го напише тоа сиктер – писмо од претседателот Иванов. И не едно туку три треба да напише.
Првото секако треба да го напише до Ромпуј, Ештон, Филе и сите останати негови 27 колеги кои кои од Justus Lipsius ни маваат ignore на секое шест месеци и по некоја ситна чврга во меѓувреме. И јасно и гласно да им каже дека Македонија нема да дозволи на нејзин грб да се прекршуваат европските фрустрации, безобразна лицемерност и двојни стандарди од кои на Жан Моне, Роберт Шуман, Конрад Аденауер и на останатите татковци на денешната ЕУ, коските в гроб им се превртуваат. И да им порача недвосмислено и без дилеми дека нам потомците Александрови, од земјата осветена и со ореолот на Свети Павле при неговите патешествија по Паљурци, преку глава ни е од нивната дволичност. И ни се смачи да седиме под нивните ХЛАД-ови, за кои знаеме дека не се ништо друго туку само бирократско покритие за нивната политичка кратковидост и неспремност да се спротивстват на бескрупулозната злоупотреба на принципот на европска солидарност од разгалениот им member of the club, koј од свои лукративни побуди ги подведува и на криминален чин на непочитување на одлуките на Mr. Justice od Хаг.

Второто писмо, треба да му го напише на неговиот „скаут“, премиерот Груевски. Всушност нему ништо нека не му објаснува (како на оние европјеците), оти тој се си знае : и „кој и го смести на Македонија“ и која за’рѓања скретница го сврте македонскиот воз во крив –правец, иако тој во петта 24/7 го тера право на европски колосек. Може само да го праша како од толку силна желба,честит пристап, труд и посветена работа на славната му smiley реформормирана администрација и се насмеаја мизерни дваесеттина милиони евра од околу 270 кои и беа на тацна од европските фондови. И тоа ли дело од злоба бриселска е?

Третото писмо проф. д-р Иванов, треба да го напише до претседателот Иванов. Не мора, ако му е непријатно, да го прашува зошто колегите не го есапат и на Самит не му доаѓаат. Но, нека го праша зошто место здравувања со некој од 27 – те му евро- колеги, одбра по крштевки и иселенички журки по Канада и Америка прикаски за посланието на Александар до Словените да раскажува? Во колку европски метрополи беседел што е разумен компромис ? Или колкумина уверил дека „ние постојано и посветено работиме за изнаоѓање на взаемно профатливо решение“ (со оној де, што и го смести, на Македонија) и оти се залагаме за “erga omnes Република Македонија“? Со колкумина се уортачил, се осојузил, да го бранат, да не брани, да се борат за каузата ни која од уста не ја вади!
Оти колку и безмислено да звучат овие прашања, во нив лежат многу одговори! Има нешто космодиск функционалност и во европската демократија: шашаво е, ама функционира – само треба да се научи како!

Да нема дилеми, не им се лутам на нашиве. Им се лутам на европјеците, на бескрупулозното лицемерие кое ги премина сите граници. На нашиве сум бесен. Оти штом изговорат ЕУ, три пати си потплукнуваат – да не случајно ги снајде такво зло! А згора на се и мислат дека им веруваме оти и тие веруваат во тоа што го говорат!

Да. Доста е! Доста е од лицемерие – и европско и домашно. Во оној момент кога власта ќе не увери дека навистина направила се за македонските позиции и дека навистина самопрегорно работела на остварување на европската агенда е тогаш ќе биде времето за сеопшта поддршка за сиктер-писмо. Но во меѓувреме, за жал, имаме само време на лицемерие – и од надвор и од дома!

(Поради технички проблеми од страна на авторот во печатеното издание на неделникот Република не е објавен интегралниот став на авторот. Затоа во целост го пренесуваме на интернет сајтот)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top