Кинеските берзи бележат падови веќе со денови, многу банкомати се празни, се јавуваат проблеми со трансфер на парите… Дали се тоа првите знаци за пропаѓање на кинеското стопанство? Во светот веќе се раѓа страв. Моторот на светското стопанство во последниве години се наоѓа пред банкарска криза, како што беше примерот со Америка во 2007 година и во Европа во 2008 година.
Многу стручњаци подолго време предупредуваат дека се ближи моментот кога кинескиот балон би можел да се распрсне и целиот свет ќе го турне во хаос!
Проблемите со исплатата на парите во последните денови во банкоматите, кај многумина предизвикаа заклучок дека кризата го погодила и црвениот змеј. Во третата најголема банка на Кина, како и банката на Нанџанг, на почетокот на неделава дојде до проблеми со исплатата, корисниците повремено воопшто не можеа да дојдат до своите пари во банкоматите. Банките се обидоа да ја смират ситуацијата со објаснување дека се работи за техничка грешка во системот, но кинеските блогери пишуваат дека многу банкомати и понатаму немаат пари и дека станува збор за проблеми во банкарскиот сектор. А, причина за новата психоза беше одлуката на Средишната кинеска банка, донесена пред десеттина дена, да престане да вбризгува свежи пари во системот. Резултат на тоа е и онака презадолжените кинески банки повеќе не си веруваат една на друга и меѓусебно си позајмуваат пари со преголеми камати, кои достигнуваат и до 25 проценти. Сега се јавува страв дека малите банки, со голем удел на лоши кредити, без помош на Средишната банка би можеле да банкротираат. А, потоа со домино-ефект би го загрозиле целиот финансиски сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.