Волонтер на разобличувачкиот интернет ресурс „Викиликс“ од Исланд, Сигурд Сиги Тордарсон, кому ментор му бил основачот на веб-сајтот Австралиецот Џулијан Асанж, всушност, бил информатор на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), пишува весникот Wired.
Тордарсон му се приклучил на „Викиликс“ во февруари 2010 година кога имал 17 години. Тој директно од Асанж бил назначен на клучна позиција како водач на веб-чатот на организацијата. Така, Тордарсон бил првата личност на којашто ѝ се обраќале новите волонтери, изворите на информациите и новинарите. Истовремено, Асанж под покровителство го земал момчето и го сметал за свој пријател.
Тордарсон бил отпуштен од „Викиликс“ веќе следната 2011 година. Меѓутоа, за тоа време, тој во ФБИ успеал да предаде осум хард дискови со информации за организацијата. За неговите услуги „двојниот агент“, според весникот, добил надомест од 5.000 долари. Претставници на „Викиликс“ и на ФБИ одбиле да ја коментираат оваа информација.
Непрофитниот проект „Викиликс“, официјално, е отворен во 2007 година. За своја цел WikiLeaks го смета презентирањето пред целата јавност на важни вести и информации кои се однесуваат на светските збиднувања.
Основачот Џулијан Асанж од јуни 2012 година се наоѓа во Велика Британија, засолнат во амбасадата на Еквадор. Британскиот Висок суд донесе пресуда за екстрадиција на Асанж во Шведска, каде што против него има обвинија за силување и сексуално злоставување. Австралиецот, меѓутоа, вели дека стравува дека од Стокхолм ќе им биде предаден на властите на САД, каде што може да се соочи дури и со смртна казна поради објавувањето на стотиците илјади тајни документи за војните во Ирак и Авганистан, како и тајната дипломатска пошта на американскиот Стејт департмент
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.