| четврток, 6 декември 2018 |

Со „Мајчин дом“ ќе се урнат и ветувањата на Марин: Десеткатница ќе го изеде зеленилото кај „Мајчин дом“

Предизборното ветување на градоначалникот на Аеродром Златко Марин дека итно ќе запре понатамошно градење во урбанизираниот дел на општината и дека ќе направи ревизија на сите ДУП-ови и изработка на нови по теркот на ДУП-овите позади Бисер и Ново Лисиче пропаднаа.

Марин не го исполни ветувањето од предизборната кампања, започната е изградба на деветкатницата кај Мајчин дом за што во април минатата година пред општинската зграда беа организирани протести за кои главен иницијатор беше самиот Марин.

Тој пред граѓаните велеше дека под итно треба да се стопира целиот процес на изградба со цел зачувување на зелената површина.

Ветувањето на Марин за стопирање на изградбата беше еден од главните адути во трката за градоначалничката позиција со Ивица Коневски. Во тој период, Марин ветуваше дека новата локална власт ќе го реши овој проблем, но по се изгледа ветувањата останаа празни.

Откако граѓаните забележаа дека се започнати градежни активности кај Мајчин дом, Марин на социјалните мрежи се правда на истиот начин како и неговиот претходник велејќи дека парцелата е приватна сопственост и општината не може да превземе ништо во врска со тоа.

„И покрај реакциите и моите лични заложби во април 2017 година парцелата пред Мајчин дом да не стане градежно земјиште, веќе знаете дека ДУП И10 беше донесен од претходното раководство. Парцелата е приватна сопственост и сопственикот има право самостојно да врши истражувања на земјиштето тука. Општина Аеродром се уште нема добиено никакви барања во однос на таа парцела. Во моментов ги разгледуваме сите можни правни механизми за излез од оваа ситуација и наскоро ќе излеземе со повеќе информации за случајот“, напиша Марин на Фејсбук.

Аеродромци се загрижени, а преку социјалните мрежи за 9 март (петок) од 17 часот најавија настан „Со фудбал до позелен Аеродром“, како револт против можноста да никне огромна зграда врз постоечкото зеленило.

„Afterwork забава за сите оние кои навистина се грижат за својата општина. Идејата е преку фудбал да го изразиме нашиот револт против уништувањето на зеленилото пред Мајчин дом. Добредојдени се сите кои сакаат почиста и позелена општина“, стои во најавата за собирот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top