| четврток, 6 декември 2018 |

Стотина илјади Македонци на протести „Ние сме Македонија“ ширум светот

Стотина илјади Македонци од дијаспората маршираа по улиците ширум светот во одбрана на името и идентитетот. На протестите во Австралија, САД, Шведска, Нов Зеланд, Холандија, Англија, Италија, Малта, Германија, Чешка и Словенија едногласно беше кажано не за федерализација и бинационализација на Македонија. Во знак на поддршка на македонската заедница во Австралија, на протестите во Сиднеј, Мелбурн, Перт и Брисбејн присуствувале и претставници на хрватската, еврејската, италијанската, босанската, италијанската, турската, абориџанската, сириската, колумбиската и јужноафриканската заедница.

Од движењето „Ние Сме Македонија“ кои се организатори на протестите, бараат итен прекин на разговорите со Грција и неменување на уставното име, повлекување на противуставниот закон за јазици, организирање попис под мониторинг на реномирана меѓународна организација, не менување на историјата на Македонија, зачувување на статусот на МПЦ и интензивирање на грижата за Македонците во соседните држави.

-Јавно прокламираме дека секоја одлука за промена на името и идентитетот за Македонците во светот е ништовна, а учесниците во ова велепредавство кога и да е ќе бидат изведени пред судот на народот и правдата и ќе бидат казнети со доживотен затвор и конфискација на целиот имот, рече Жаклина Михајлова, на обраќањето пред македонската дијаспора во Сиднеј.

Доколку владата не им ги исполни барањата, од движењето најавуваат дека ќе повикаат на итно самораспуштање на собранието и организирање на непосредни избори на кои ќе им биде овозможено и на Македонците од дијаспората да добијат свои претставници во парламентот.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top