Врнежите во текот на денов полека почнуваат да престануваат, а според податоците од хидролошките станици низ земјава забележано е мало зголемување на водостоите на реките во однос на утринските и тоа на водотеците во западниот дел од земјата, каде се очекува да останат високи до крајот на денот, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
– Преовладува доста топло време со високи температурите на воздухот што ќе услови понатамошно топење на снегот во текот на денешниот ден. Во вечерните часови, како и за време на ноќта се најавуваат нови врнежи од дожд од околу 20 литри на метар квадратен, но поради пониските температури на повисоките места дел од овие врнежи се очекува да бидат во вид на снег со што би се забавило истекувањето во горните делови од речните сливови, соопшти УХМР.
Сепак, велат од УХМР, се очекуваат доста високи водостои на водотеците во западниот дел од земјава, особено во сливот на Треска, Кичевска Река, Радика, Сатеска, Црн Дрим и Црна Река.
На поедини рамничарски делови можни се локални појави на заезерувања, а доколку врнежите бидат поинтензивни и локални излевања на реките во посочените сливови. Се очекува и зголемување на нивото на подземните води, потенцираат од УХМР и ги предупредуваат граѓаните внимателно да се движат покрај реките и суводолиците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.