| четврток, 6 декември 2018 |

Инцидент во Идризово: Инстуктор пукал за да ги стиши полицајците во кантината, регрутите се повредиле бегајќи

Инструктор во Центарот за обука во Идризово пукал со пиштол завчера пред насобрани десетина кадети кај кантината во кругот на Центарот, дознава „Нетпрес“.

Извори за порталот велат дека на полицаецот инструктор Јордан К., кој наводно бил многу близок со министерот Оливер Спасовски, му пречела вревата што ја кревале младите полицајци насобрани пред кантината, па одлучил да ја прекине забавата пукајќи со службениот пиштол. Избезумените полициски регрути почнале во паника да бегаат на сите страни спасувајќи жива глава, а дел од нив меѓусебно лесно се повредиле при бегањето од пукањето засолнувајќи се позади околните дрва и блиските обкекти. Некои од нив се посомневале дека инструктурот можеби бил и во алкохолизирана состојба.

Од МВР го потврдија инцидентот, но според нив, станува збор за муниција која се користи за вежбовни активности.

– Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, ги изврши потребните проверки пришто е констатирано дека на 28 минатиот месец околу 23 часот во Центарот за обука на МВР во Идризово, по прославата за завршената обука, дежурниот старешина издал наредба на насобраните полициски кадети да се упатат кон павилјоните. Откако кадетите не ја почитувале неговата наредба, истиот со службениот пиштол испукал во воздух еден куршум- симултана муниција што се користи за вежбовни активности. Поради постапување спротивно на правилата и прописите против старешината ќе бидат превземени дисциплински мерки согласно колективниот договор на МВР- рекоа од МВР.

Инаку ова е втор тежок инцидент за кус период во полицискиот Центарот за обука во Идризово. Пред неколку денови се појави неофицијална информација дека во Центарот во Идризово имало сексуалното вознемирување и уценување на кадетите од страна на инструктор.

Двата инциденти се случуваат кус период пред најавената промоција на новата генерација полициски службеници, која треба да се одржи утре во Центарот во Идризово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top