| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Обвинението е правна манипулација за да ми се наштети, ќе докажеме дека сме работеле чесно

Оваа постапка ќе докаже повеќе работи. Дека јас и моите соработници сме ги реализирале зацртаните цели и програми предложени пред гласачите. Единствен мотив ми беше што побрзо и што поквалитетно да се изгради инфраструктурата во Република Македонија. Ќе докажеме дека професионално, одговорно и чесно сме работеле, истакна поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по денешното рочиште за случајот „Траекторија“.

– Успех беше што набавивме средства во вид на кредит со 2% каматна стапка, за што јас како премиер вложив дополнителни политички напори. Во минатото и други влади обезбедувале кредити од странски банки, како што е случајот со браната Козјак, но со таа разлика што нашата влада успеја да обезбеди повеќе од една компанија односно конкурентност. Работите тогаш оделе на начин што државата Н.Р. Кина ќе кажела која фирма ќе ги изведува работите и тоа се прифаќало. И да се случело таа компанија да банкротира во меѓувреме, повторно се одбирала компанија без конкурентен процес. Исто се случува и во соседството. Но, јас и моите соработници преку нашата амбасада во Пекинг, овозможивме конкурентна постапка со цел пониска цена. Од самиот почеток инсистирав за конкурентност. Според чл. 9 од Законот за јавна набавка кога кредиторот наложува посебни услови невозможно е да се употреби Законот за јавни набавки. Еден од условите на кредиторот е работите да ги изведува фирма од неговата земја. Затоа се донесе Закон во Собранието. Парламентот едногласно го усвои Законот како и тогашната опозиција.

Ова, според Груевски, е пред се политички притисок врз него од партијата која е сега на власт.

– Обвинението е правна манипулација да ми се наштети. За жал со ова, а и со другите обвиненија веќе е постигната целта. На мене лично, на партијата ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Сигурен сум дека Судот и јавноста ќе го видат тоа. Има поговорка „Ако сакате некој да не ви прави проблем, направете му проблем да не ви смета“, односно за да СДСМ прави што сака со Македонија, додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top