| четврток, 6 декември 2018 |

Вучиќ: Ако не постигнеме договор со Приштина, ќе бидеме во ќор-сокак како Македонија

Доколку Србија не постигне договор со Приштина, ќе се соочи со природен ѕид кој нема да може да биде пробиен, какви што се случаите со Македонија и Турција, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, според кого неопходно е Србија да постигне договор со Приштина за да продолжи напред кон Европската Унија.

„Ако не го сториме тоа, ќе бидеме во ќор-сокак на европскиот пат, како Турција и Македонија. Не заборавајте дека од оној миг кога започнавме со преговорите, двојно ги зголемивме странските инвестиции“, изјави Вучиќ.

Говорејќи за Косово, српскиот претседател ја спореди ситуацијата меѓу двете земји со партија шах.

„Играме без дама и топ и се обидуваме кралот да го втераме во ќош и да обезбедиме реми“, нагласи Вучиќ.

Во врска со разговорот со германската канцеларка Ангела Меркел за Косово, Вучиќ посочи дека мислењата на Германија и Србија многу се разликуваат за тоа каков компромис треба да постигнат Белград и Приштина.

„Меркел не ме критикуваше бидејќи ја почитуваше мојата храброст. Изнесов решенија што не се стереотипни и со кои не се сите согласни. Јас реков дека секогаш ги сослушувам сите критики, но и дека морам да кажам што мислам. Мислам дека е важно да постигнеме компромис бидејќи ако не постигнеме, ќе имаме тешки последици“, рече Вучиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top