| четврток, 6 декември 2018 |

Полицијата впери автомати на вчерашниот протест – дали власта беше спремна да пука во народот?

Полиција вооружена со автоматско оружје, 27.02.2018

Полицајци со автоматски пушки синоќа го обезбедуваа граѓанскиот протест против промена на името кој беше во организација на неколку невладини патриотски организации и не доби поддршка од ниту една политичка партија.

Припадниците на МВР кои беа стационирани пред канцеларијата на Европската Комисија во Скопје, пред Министерството за правда и пред Собранието, каде се движеа демонстрантите беа вооружени со оружје кое не се користи за разбивање на протести во случај на насилство, ниту за неутрализација на толпа, туку за воени боишта и сложени полициски акции.

Ваквата заканувачка слика, која повеќе наликува на Јужномерикански картел отколку на слика од демократска држава, не е забележана никогаш во последните 20 години.

Иако од 2015 наваму протести организираа многу организации и политички партии, никогаш во првите редови на кордоните, полицијата не носела смртоносно оружје.

Полицициски кордон пред канцеларијата на ЕК

За време на протестите на „Шарена револуција“ и покрај тоа што насилните демонстранти во неколку наврати повредија полицајци, на 5-ти мај 2016 дури 50, никогаш полицијата не беше вооружена со автоматско оружје. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, кое од владејачката СДСМ е оквалификувано како диктатура, полицијата, протестите против владата никогаш не ги обезбедуваше со автомати, туку со стандардна опрема – шлемови, штитови, гумени палки и пушки за солзавец или за гумени куршуми.

За разлика од тогаш, сега ниту имаше најава за насилство, ниту граѓаните беа негативно расположени кон полицијата, немаше фрлање со боја, цигли и железни шипки и не ги палеа со оган.

Претепаните полицајци од шарените, немаа оружје

Во регионот последен случај на вадење на автомати на протест, е 5-ти октомври 2000 година, кога полицијата впери оружје на демонстрантите кои протестираа против Слободан Милошевиќ, но подоцна се сврти на нивна страна.

Се поставува прашањето: Зошто синоќа полицијата беше вооружена со автоматско оружје? Кој беше планот на Владата? И зошто се користеше вакво оружје, ако се знае дека тоа е смртоносно, дали власта беше спремна да убива граѓани кои беа партиски независни и протестираа против промената на името?

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top