| четврток, 6 декември 2018 |

ПОДЕМ е против промена на уставното име

Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ го поддржува Семакедонскиот митинг кој денеска се одржува во Скопје, како и сите иницијативи за одбрана на уставното име на Република Македонија.

„Денеска имавме можност да го проследиме и интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата Ројтерс, каде што извесно е дека во спорот со Грција се преговара за четири имиња. Предлозите се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје). Истовремено во интервјуто се вели дека граѓаните на референдум ќе го поддржат решението дококу е тоа достоинствено. ПОДЕМ јавно прашува какво е тоа достоинствено решение, ако истото вклучува и промена на името“, велат од партијата.

Од друга страна, додаваат од таму, прифаќањето на едно од понудените имиња ќе повлече и промена на Уставот, што значи и промена на идентитетот и јазикот, на што ПОДЕМ категорично се спротивставува.

„Оттука, ПОДЕМ повикува на разумност и зачувување на уставното име, идентитет и јазик.Во спротивно македонскиот народ ќе мора преку протести како денешниот Семакедонски протест да го брани своето право на уставното име и да го зачува достоинството на името на Република Македонија“, велат од ПОДЕМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top