| четврток, 6 декември 2018 |

Домазетовска: Управата за матични книги е дувло!

Да ви кажам уште нешто за Управата за матични книги: дувло! Лицето на Македонија. Несредно, обезглавено, полно со несреќни и тажни луѓе, хистерично а сепак место каде сите ќутат и трпат. И тие што работат и тие што чекаат ред. Плус смрди. Смрди и на корупција, пишува на својот Фејсбук профил маркетинг агент, поранешна новинарка Марина Домазетовска. Таа опшувајќи ја ситуацијата во оваа институција додава „замислете, таму се вадат и изводи за новороденчиња, а нема радост“.

-Одам денес да си го подигнам изводот после 10 работни дена. Нормално, на шалтер број 3 нема никој освен редица луѓе кои ми кажуваат дека чекаат ред веќе пола саат. Пази, не ни прашуваат зошто нема никој на шалтер. Ок. Ја прашувам девојката што работи на шалтер 2 дали може некој да дојде на шалтер 3. Не знае. Колегата е на пауза, а кога ќе се врати не се знае. Никој не го менува. Бидејќи пауза имаат од 10 чассот, а јас отидов во 12 часот, решив да се обратам кај нивнот претпоставен, бар да каже до кога да чекаме (и јас сум на пауза од работа!). Од шалтер 2 ми кажуваат дека немаат претпоставен. Ок. Мора да има некој редар, нешто над функција шалтер. Нејсе, се пикнав секаде, прашав едно 15 луѓе, сите бегаат, али дознавам дека главен е Јашир, кој се наоѓа од влезот лево. Арно ама Јашир си ја држи вратата заклучена. Тропај до утре, објаснува Домазетовска.
Таа поради упорноста разбрала дека тој имал флексибилно работно време.
-Види богати. Јашир им учини на неколку сонародници Албанци и ми ја тресна вратата пред нос, заклучувајќи ја. Среќа на шалтер се појави дечкото. Лабаво. Ги врати за уште некој ден едно 5-6 луѓе. Мене ме замоли да почекам да ми го потпише некој изводот. Додека чекам – една жена на ред – не ви е тука изводот, дојдете за 3 дена. Дечко, ајде барај таму убаво ми јавија дека е готов. Кој ви јави? Не можам да ти кажам, барај таму ајде. Бара дечково и стварно го наоѓа. Доаѓаат двајца други и нив не им се готови документите. Не им се потпишани. Фаќаат да му се дерат. Им викам, не викајте тука, одете кај Јашир. Отидоа, се враќаат, фала девојко, Јашир потпиша, ја објаснува Домазетовска голготата низ која поминува за да си го земе изводот.

Таа на крајот заклучува дека дознала дека вработените во Управата немаат земено плата 2 месеци, никој нема контрола што се случува, нема директор на оваа институција и дека извод може да извадиш и ако некому дадеш 20 евра.
А да, Управата за водење матична евиденција нема директор веќе два месеци, а Владата вообичаено и баш нема некој план што ќе прави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top