| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на 15 нови изданија од едицијата ,,Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“

Управата за заштита на културното наследство в среда, 28 февруари ќе промовира 15 нови изданија од едицијата ,,Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“. Промоцијата ќе се одржи во НУ Археолошки музеј на Македонија – Скопје, со почеток во 12 часот.
На овој настан ќе бидат промовирани следните наслови на македонски јазик: Црквата Св.Богородица – Матејче; Црквата Св.Богородица Елеуса – Вељуса; Керамичките рељефни плочи од Виница; Маркови кули, Варош – Прилеп; Таор (Антички населба Tauresium); Баргала; Манастирот Трескавец; Тумба Маџари, археолошки локалитет и неолитско село; Црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново и Муниципиј Стобенсум; а во превод на англиски: Municipium Stobensium; The History of Discovering the Site of Isar – Marvinci; The Medieval Fortress of Isar – Shtip; Kokino – a Holy Mountain and Observatory for 4000 Years; The Great Bath of the Late Roman Thermal Spa in the Village of Bansko.
Богатото културно и природно наследство на Република Македонија и значењето кое тоа го има за општеството, беше повод за отпочнување на повеќегодишниот проект на Управата за заштита на културното наследство, насловен како ,,Најзначајните вредности на културното и природно наследство на Република Македонија“, кој преку 130 монографски публикации ќе ги доближи најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства до домашната и меѓународна публика. Со овие нови 15 изданија, Управата за заштита на културното наследство заокружува бројка од досега објавени 45 наслови од оваа едиција, сè со цел, збогатување на библиографскиот фонд за културните и природните добра од нашата земја и нивно приближување до јавноста.

Присутните на настанот ќе имаат можност да го проследат и настапот на камерниот хор „Херувими“ од Скопје, кој, под диригентската палка на Мирјана Павловска-Шулајковска, ќе изведе творби од византиската традиција од македонски автори.

Овој настан е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top