| четврток, 6 декември 2018 |

Зградите на „Фиком” оставени да скапуваат: Гнилите даски на покривот на „Антигона 2“ може да убијат

Помина една деценија откако се уриваше дивоградбата “Раба” и беше стопирана изградбата на зградите на “Фиком” во општина Кисела Вода и оттогаш двата објекта се оставени на забот на времето и претставуваат потенцијална опасност да повредат случајни минувачи. При посилен ветар летаат парчиња од гнили даски, скршени тули, картони….Засега немало посериозни инциденти или повреди, но доколку не дај Боже некогаш се случи, нема кој да сноси одговорност. Од општина Кисела Вода ги перат рацете и велат дека не се надлежни да интервенираат на приватни плацеви, пишува дневниот весник Вечер.

Дивоградбата “Раба” која е сместена на аголот меѓу улиците “Виктор Иго” и “Драга Стојанова” во 2007 година ја уриваше општина Кисела Вода поради отстапување во габаритот од првичниот проект и поради неплатени комуналии. Иако имаше прозорци и врати, тие подоцна беа извадени и празните станови станаа сврталиште на бездомници и наркозависници кои ги претворија во депонија и јавен тоалет.

Станарите на околните згради и куќи не се чувствуваат безбедно. Пишуваа петиција до полицијата и до општината да се реши проблемот со објектот, но досега ништо не е направено и зградата повеќе личи на страшилиште во кое навечер се муваат сомнителни лица.

Зградите на “Фиком”, пак, кои се веднаш до улицата “Борис Трајковски” се оградени и ги чува чувар. Оставени се веќе една деценија во таа состојба во која се граделе. Кровната конструкција е дрвена и времето си го направило своето. Постои опасност дел од даските да се скршат и да паднат на тротоарот и притоа да повредат некој пешак.

Градежната афера “Фиком”, која изби во 2006 година “изгоре” стотици граѓани со над 10 милиони евра. Граѓаните беа измамени од инвеститорите на објектите, кои еден ист стан го продаваа на по петмина и повеќе купувачи. Стотици семејства беа оштетени, дадоа пари не добија станови, а зградите уште стојат недоправени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top