| четврток, 6 декември 2018 |

Како би реагирале луѓето доколку се открие вонземски живот?

Ако веруваме на научно-фантастичните филмови, луѓето апсолутно би полуделе кога прв пат би се сретнале со вонземјани и би се случила масовна хистерија.

Тоа е донекаде разбирливо бидејќи во таквите филмови вонземјаните обично се закануваат со елиминација на целиот човечки род или уништување на планетата.

Нова студија сугерира дека во случај на средба со вонземјани, масовната хистерија би била сведена на минимум, а луѓето всушност би реагирале на ваквите вести прилично позитивно.

Мајкл Варнум, асистент професор по психологија на државниот универзитет во Аризона, имал неколку различни пристапи кога ја изработувал оваа студија.

За првиот нејзин дел, тој и неговиот тим користеле компјутерска програма за анализирање на јазикот користен во статиите со вести во врска со откритијата кои индицираат можност за вонземски живот. Таа се фокусирала на емоционалната „жичка“ на статиите и открила дека медиското покривање генерално било позитивно.

Истражувачите исто така направиле хипотетичка објава дека луѓето детектирале вонземски микробски живот и побарале од над 500 луѓе да ги запишат нивните реакции во врска со тоа, кои се испоставило дека во поголем број биле позитивни.

Во крајниот дел од студијата, истражувачите побарале од 500 луѓе да реагираат на една или две статии од New York Times за вистински научни откритија: доказ за микробски живот на метеорит на Марс и за креирање на синтетички живот во лабораторија. Ова дало интересни резултати бидејќи партиципантите реагирале попозитивно на можноста за вонземски живот, отколку за човечкиот капацитет да креира живот.

Треба да се земе в предвид дека студиите на Варнум се однесуваат само на американската перспектива во врска со тематикава. Првиот контакт би влијаел на целата човечка популација и различните култури најверојатно многу поразлично би изреагирале на некоја таква вест.

Единствено ни останува да се надеваме дека луѓето насекаде ќе имаат позитивна реакција на откривањето на вонземски живот, доколку тоа некогаш се случи – што со новите телескопи кои ќе се лансираат станува сè повозможно.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top