| четврток, 6 декември 2018 |

Кривична пријава за директот на МРТ, тој тврди дека е невиновен

Полицијата поднесе кривична пријава против директорот на Македонската радио телевизија, Марјан Цветковски за злоупотреба на службената положба и овластување. Според МВР, тој во 2016 година склучил договор со фирмата „Аналитика“ за електронско мерење на ТВ аудиториум со пиплметри на територијата на Македонија. Освен за директорот на МРТ, кривичната пријава се однесува и за Г.С (56) кој бил застапник на фирмата „Аналитика“.

Од МВР појаснуваат дека директорот Цветковски и покрај укажувањата од Комисијата за јавни набавки на МРТ дека треба да се прифати намалената единечна месечна цена од 87.637,50 денари што ја понудила „Аналитика“, наместо почетната единечна месечна цена од 175.000 денари, сепак склучил спогодба за јавна набавка на услуги со вкупна вредност од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ, односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ.

„ М.Ц и Г.С. на 29.07.2016 година склучиле „Рамковна спогодба за јавна набавка на услуги“ со вкупна вредност на истата од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ, иако знаеле дека согласно последната постигната аукциска цена спогодбата требало да биде склучена на износ од 1.051.650 денари без пресметан ДДВ за 12 месеци или 87.637,50 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ“, се вели во соопштението.

Со тоа двајцата го оштетиле буџетот на МРТ во вкупен износ од 1.237.053 денари со пресметан ДДВ, а од друга страна прибавиле противправна имотна корист за „Аналитика“ во износ од 1.048.350 денари.

Цветковски во средината на февруари беше реизбран за генерален директор на МТВ, а функцијата ја извршува од 2012 година.

Директорот на МРТ, Марјан Цветковски тврди дека не виновен, бидејќи за време на неговиот мандат во јавниот сервис се работело и „ќе се работи согласно законот“. Тој во допис до медиумите, вели дека е изненаден од постапката која што полицијата ја покренала против него. .

„Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана во недела наутро дека против мене е поднесена кривична пријава, и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени. Подготвен сум, со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот“, вели Цветковски и додава:  „Иако постојат многу сугестии, коинциденции и поврзувања, не би сакал да верувам дека оваа поднесена кривична пријава е резултат на фактот дека повторно добив доверба да ја раководам МРТ“.

Тој напоменува дека МРТ е сериозен и гломазен систем каде во секоја постапка учествуваат голем број на служби и секој во рамките на своите надлежности постапува. „Сакам да напоменам дека за споменатиот договор има судски спор и не е исплатен во целост.  Во овие специфицни услови и амбиент, верувам дека ќе ја докажам правдата и нема да дозволам оваа постапка да ме девалвира и да ме дефокусира од реализацијата на мојот план за подигнување на МРТВ на едно повисоко квалитативно ниво во секој поглед, како и да ја развивам постојано улогата на МРТВ како промотор на државните, европските и евроатлантски вредности“, се вели во дописот на Цветковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top