| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Заев застана зад Бујар Османи по скандалозната одлука

Премиерот го оправда Бујар Османи – не мисли дека е погрешно што своеволно одлучил, без да го консултира, да не ја претставува Македонија на конференцијата за Западен Балкан во Бања Лука, бидејќи Косово не било покането, објави „Алфа“.

Ова било знак на солидарност на Македонија, вели Заев. Но нема никаков коментар за тоа што неговиот заменик донел ваква одлука без тој да даде согласност.

– И Црна Гора да не беше поканета, ние би требало да сме солидарни, сепак регионалната стабилност зависи од сите 6 земји на Западен Балкан, Не знам зошто Косово не е покането, веројатно затоа што Босна го нема признаено – изјави Заев.

На прашање на Алфа, Османи денеска се правдаше дека не постапил спротивно на државните интереси. Не одлучил да не оди од позиција на Албанец, туку како Европеец. И Србија да била исклучена од конференцијата, истото ќе го направел.

Во знак на поддршка за Косово – Македонија и Албанија го откажале учеството на конференција за Балканот

-Одлуката не ја донесов како Албанец, туку како европеец, којшто верува во европската иднина на регионот. Стратегијата на ЕУ за регионот предвидува перспектива на сите шест земји од регионот за членство во ЕУ и еден од предусловите за да може овој регион да стане дел од ЕУ, е помирувањето. И било каква иницијатива со која не се дава придонес кон помирувањето, туку напротив се исклучува една од државите, е спротивна на идејата на самата Стратегија – изјави Османи

За скандалозниот потег реагираше и опозицијата. Ако за вакви прашање не постои усогласеност во македонската надворешна политика, тогаш што да се очекува за многу покрупни прашања како идентитетот, прашуваат од ВМРО ДПМНЕ.

– Чија надворешна политика застапува тој? На Македонија или на Косово? Од каде зема? Од македонските граѓани или од косовските?, прашуваат од партијата.

Косовското прашање останува болна точка во односите меѓу Македонија и Србија. До сега нема реакција од официјален Белград по изјавата на Заев дека го оправдува потегот на Османи. Србија остро реагираше за македонската поддршка околу членството на Косово во УНЕСКО. Се закани и дека ќе го повлече признавањето на македонското уставно име.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top