На Али-пашината џамија се работи без одобрение за градење, со тешка градежна механизација што го уништува просторот околу каде што претходно имало црква, вели Михаил Трендафилов, претседател на здружението „Совест“, во дебатата на „Макфакс“.
Од здружението стравуваат дека Охрид ќе ја изгуби автентичноста на градот и обвинуваат дека институциите може да предизвикаат верска омраза и меѓуетничка нетрпеливост.
– Конзервирањето на Али-пашината џамија нам не ни пречи и треба да се конзервира, таа е прогласена за заштитено културно наследство, но и просторот околу неа. Има сознанија дека таму се наоѓала црква и тоа треба да се доистражи. Не нè интересира само 16 век туку и две илјади години пред тоа. А со целата градежна механизација таму веќе сè е уништено, закопано…
– Да си работеа само на објектот, немаше да биде проблем. Но, тие таму работат без целосна документација, без одобрение за градење. А што се однесува до минарето од 32 метри, допрва треба да се донесе нов детален урбанистички план, бидејќи во постоечкиот не е предвидено, тврди Михаил Трендафилов, претседател на здружението „Совест“.
Од Управата за заштита на културното наследство, пак, уверуваат дека при изведбата на проектот се испочитувани сите закони и подзаконски акти за градба и за заштита на културното наследство. Оттаму велат дека при реставрацијата, реконструкцијата и конзервацијата на Али-пашината џамија се внимава да не се оштети просторот околу објектот и доколку има наоди за други пластови, ќе продолжат со истражување на теренот.
– Сондата се наоѓа на југоисточниот ѕид. Точно е дека има остатоци од постари археолошки постави и доколку се утврди дека има ранохристијанска црква, тоа е во спротивна насока од габаритот на објектот. Нема причина да не се извршат активности на непосредна заштита. Сите археолошки траги се на длабочина од 2,20 метри. Состојбата на џамијата се гледа каква е, ништо не попречува понатамошна интервенција и истражувачки работи на околниот простор ако има потреба, вели Валентино Димитровски од Управата за заштита на културното наследство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.