Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Ивана Туфегџиќ, денеска рече дека Обвинителството од Скопје немало покренато истрага за случајот со 13-годишното девојче кое ја разбрани јавноста, бидејќи немале утврдено познат сторител.
На прашањето од Туфегџиќ, зошто Обвинителството дозволило да помине толку долго време и покрај тоа што имало индиции по пријави и од Домот „25 Мај“ и од полномошен застапник на родителите, обвинителот рече дека во скопското обвинителство имале само службени забелешки но не и кривични пријави.
„Обвинителството во Велес води постапка против конкретен сторител, а во Обвинителството во Скопје за истиот случај нема поднесено кривични пријави, туку само службени забелешки. Во овие, нема посочено конкретни сторители на кривични дела и според тоа водена е постапка само за утврдување на сторителот на кривични дела и досега ние немаме повратни информации кои ги баравме од Министерството а внатрешни работи. Точно е дека во ОЈО Скопје кривична пријава од родителите на детето била поднесена. ОЈО Скопје донело решение кое што се уште не е правосилно“, одговори Јовески.
На ова Туфегџиќ дополни дека не е задоволна од одговорот и посочи дека обвинителите можеле да работат по службена должност и да отворат истрага против непознат сторител.
„Ако речам дека сум задоволна од одговорот ќе значи дека сум задоволна од Обвинителството, а не сум“, потенцираше пратеничката.
Како што рече таа, обвинителите можеле да постапуваат по службена должност, бидејќи детето било пуштено од шелтер центар и покрај тоа што имало индиции дека е жртва на трговија со луѓе, поради непокренување постапка на Обвинителството.
„Уште колку вакви случаи во јавното обвинителство стојат во фиока и дали ние треба да чекаме, јавноста, родителите, самите деца, институциите, да излегуваат вакви случаи во медиуми за да се постапува?“, праша Туфегџиќ.
Но Јовески повтори дека тие немале идентитет на сторител.
„Обвинителството не може да води истрага и да покренува обвинение против непознати лица. Затоа реков дека Обвинителството побарало информации од МВР за утврдување на сторителот. Ние кога би го имале идентитетот, ќе отвориме и истрага. Предмети што се држат во фиока кај обвинителите нема. Ако има, ќе сносат одговорност“, кратко одговори тој.
Алармот за случувањата во установата „25 Мај“ се вклучи минатата недела кога невладината организација Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) објави дека 13-годишна штитеничка на домот била подложена на абортус откако забременила по сексуално злоставување.
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека се сомнева дека станува збор за сексуална експлоатација на малолетничката и побара Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да го расчистат случајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст