| четврток, 6 декември 2018 |

Во Кавадарци 350 дечиња на листа за чекање за во градинка

Локалната самоуправа во Кавадарци бара решение за зголемување на капацитетите на градинките бидејќи, како што информира градоначалникот Митко Јанчев, има околу 350 дечиња кои се на листа за чекање за да посетуваат градинка.

– Сегашната состојба во градинките е на една ниска граница. Во една паралелка има повеќе односно од 30 до 35 деца. Надминат е лимитот за една паралелка да биде со нормален број. За безбедност, бидејќи воспитувачките ја немаат таа контрола и не може да ја контролираат групата. Би ги посетил тие што работат во градинката, би им се заблагодарил и би им дал на сите по една благодарница, затоа што, верувајте дека тие луѓе имаат многу одговорност, вели градоначалникот.

Општината има аплицирано до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за две градинки. За едната, која ќе чини околу 50 милиони денари, од Министерството се бара партиципација од педесет проценти.

– Доколку одобрат од Министерството, нашиот дел дали ќе биде со задолжување или општински пари, ќе донесеме одлука заедно со Советот на општината. Во селото Марена училишната настава би можела да продолжи во старото училиште, а за новиот објект ќе бараме пренамена во градинка за да ги задоволи потребите на Марена и Глишиќ. Третата фаза предвидува изградба на градинка, има определено парцела за тоа. Ако има заинтересирана странка за изградба на градинка, ќе издадеме дозвола, рече Јанчев.

Градоначалникот, како што рече, ја поддржува иницијативата за донации за градинка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top