| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел за спорот со името: Компромисите се секогаш болни, но и неопходни

Спорот меѓу Македонија и Грција за името треба да биде решен, но врз процесот не се влијае позитивно, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес­-конференцијата со македонскиот премиер Зоран Заев во Берлин.

– Спорот меѓу Македонија и Грција треба да биде решен, притисокот во преговорите не носи корист. Имам впечаток дека двете страни по долго време имаат интерес за решавање на спорот. Тоа е добар предуслов, рече Меркел, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали на средбата со Заев се разговарало за спорот со Грција и дали истото прашање било тема на вчерашниот телефонски разговор со Алексис Ципрас.

Германската канцеларка истакна дека Македонија е поблиску од кога и да е во изминатата декада до решение за спорот со Грција околу името, кој го попречува интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО.

– Ми претставува големо задоволство тоа што има придвижување во преговорите. Во изминатите десет години решението не било толку блиску, како што е сега и би било извонредно доколку двете страни успеат да ги премостат препреките, истакна Меркел.

Таа напомена дека и двете страни се однесуваат одговорно во обновените преговори и оти и Грција и Македонија знаат што можат да дадат за да се постигне компромис.

– Компромисите се секогаш болни, но и неопходни. Тоа е дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес-­конференции, туку зад затворени врати. Верувам дека јавните изјави повеќе може да му наштетат, отколку да му користат на процесот, додаде германската канцеларка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top