| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на мултиинструменталистот и композитор Фред Фрит во Македонска филхармонија

Англискиот мултиинструменталист, композитор и импровизатор Фред Фрит вечер ќе одржи концерт во Македонска филхармонија.

Фрит ќе настапи во Скопје во рамки на својата европска турнеја, а концертот е во организација на Скопскиот џез фестивал. Никогаш досега не бил дел од Скопскиот џез фестивал поради обврските што ги има како професор на Милс колеџот во Оукленд, Калифорнија. Тој е култен иноватор, гитарист, композитор и импровизатор.

Англичанецот, кој три децении ја водеше групата „Henry Cow“, во доцните седумдесетти години на минатиот век се пресели во САД и почна да соработува со познати њујоршки експериментални музичари. По издавањето на албумот „Guitar Solos“ во 1974 година, Фрит обезбеди многу влијателно место на имровизаторската сцена во светот, не само како признат соло изведувач туку и во друштво на музичари како Бил Ласвел, Брајан Ино, Дерек Бејли, Хан Бенинк, Крис Катлер, Лол Коксил, Роберт Вајат, Том Кора, Зина Паркинс, Резидентс… Работел со поголем број состави, а неговото име се среќава на повеќе од 400 дискографски изданија.

– Јас сум автор, композитор, мултиинструменталист и импровизатор кој музицира главно на различни пермутации на електрична и акустична гитара. Понекогаш користам и еден куп дома-направени жичени инструменти кои се плод на мојата имагинација – вели за себе Фрит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top