| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов во Анкара: Недозволиво е правото на самоопределување да биде оспорувано од друга земја

Деблокадата на интегративните процеси е клучна за долгорочна стабилност, безбедност и напредок на целиот регион. Ова го изјавил претседателот Ѓорге Иванов на средбата со претседателот Реџеп Тајип Ердоган во Анкара, соопшти прес-службата на Кабинетот на Иванов.

Пред неговиот турски колега, Иванов посочил дека е недозволиво во 21-от век, сувереното право на самоопределување на една држава, гарантирано со Повелбата на Обединетите Нации, да биде оспорувано од која било друга држава.

-Разликата околу името треба да се решава во рамките на ООН и во рамката дефинирана со Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011. Задирањето во прашања, како што е идентитетот, јазикот и Уставот на Република Македонија, не придонесува, туку напротив го отежнува процесот за изнаоѓање на решение. Ме радува фактот што Претседателот Ердоган и при оваа посета искажа целосно разбирање за нашите ставови по однос на оваа тема и стои на македонска страна- вели Иванов.

За време на средбата, Иванов изразил очекувања за конструктивна поддршка, помош и отворено лобирање за членство на Република Македонија во Алијансата од страна на пријателите на Македонија, кои се земји членки на НАТО. Тој му заблагодарил на Ердоган за долгогодишната принципиелна и безрезервна поддршка и особено за начинот на кој Турција ја поддржува Македонија на патот кон полноправно членство во Алијансата.

-Поканата за членство ќе биде дополнителен поттик за националните реформски процеси и ќе претставува позитивен пример во регионот- истакнал Иванов и изразил благодарност за принципиелниот став на Република Турција за решавање на билатералниот спор, кој Република Грција го има со Република Македонија, за уставното име.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top