Некоректно и за жалење. Вака британскиот пратеник во Европскиот парламент, Чарлс Тенок, ја опиша вчерашната одлука на Советот за општи работи (ГАК) на Европската унија да не ја стави Република Македонија на агендата на утрешниот самит на Европскиот совет во однос на прашањето за проширување на Унијата.
Во изјава за дописникот на МИА од Брисел, европратеникот од партијата на конзервативците во ЕП ја изрази својата, но и разочараноста на европскиот законодавен дом во однос на ваквата одлука на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
– Мислам дека таквата одлука на Советот на министри не е изненадувачка, но, сепак, е за жалење и е многу некоректна во однос на вистинските реформи во Македонија и напредокот на земјата – вели Тенок.
Според еден од највлијателните пратеници во Европскиот парламент, одлуката на шефовите на дипломатиите е јасно спротивна на препораките на Европската комисија и на Резолуцијата на Европскиот парламент.
– Јас мислам дека тоа се должи на долготрајниот став на една земја-членка, а која има можност и право да става вето на ова прашање. Во Европскиот парламент и во Комисијата ниту една земја-членка не ужива право на вето за овие прашања – дециден е Тенок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


