| четврток, 6 декември 2018 |

Прва самостојна изложба на Калина Брајковска во галеријата на МКЦ

В четврток, 22 февруари, со почеток во 19 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се отвори првата самостојна изложба на Калина Брајковска, со наслов “Joie de Vivre”.

Калина Брајковска е родена 27.12.1979 година во Скопје; завршила на Филозофскиот факултет во Скопје на отсек Историја на уметност со археологија. Живее и работи во Скопје.

Во освртот за изложбата со наслов “Joie de Vivre” Горјан Ѓорѓиев ќе напише:
„Калина Брајковска, со радост им пркоси на обликот и формата. На овој начин најкратко би ја дефинирал уметноста на Калина, односно нејзиниот простор и бојата во заедничкиот контакт на прикажаното. Во времето што стои помеѓу нас и класичниот сликарски пристап, Калина е на границата помеѓу двата света, оној што заминал и оној што доаѓа. Нејзиниот гест е израз на контраста помеѓу сѐ околу нас, тоа е приказ сличен на земјата на Петар Пан. Сегментот на оваа изложба е полната колоритна линија, која е пуштена на слобода, во потрага по нови форми на психологијата на виденото… Колоритот го нагласува карактерот и времето за себе, создавајќи форми на ослободени фигури. Сликата сама по себе носи симбол и знак, кој означува различни типови знаци сумирани во визуелен настан. Карактерот на сликата соодветствува на идејата дека уметничката е во потрага по мотиви во сопствениот естетски двор. Таа е свесна дека сликата е видлив израз во кој треба да се открие длабочината на душата отелотворена во личната уметност. Сликите претставуваат апстрактни одеци, кои постануваат интересно искуство на време, настан и чувствување… Изразот не го поврзува гледачот со совршенството, туку со отворените феномени што влегуваат во визуелната уметност. Ведрината, упорноста и квалитетот на ликовниот израз на Калина остава длабок впечаток. Моја искрена препорака до публиката е: Погледнете убаво… Има што да се види!“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top