| четврток, 6 декември 2018 |

Соочување на Села со тепачите – ќе сведочи како сакале да го убијат

Во Кривичниот суд денеска треба да сведочи Зијадин Села, лидерот на Алијансата за Албанците, за обидот за убиство во насилството во Собранието на 27 април.

Тој денеска  во судницата ќе се соочи со десетмината обвинети за обидот за негово убиство. Села е трет сведок кој како оштетен треба да се појави пред судот.

Минатото судско рочиште траеше седум часа, а беа испрашани двајца сведоци. Првиот сведок во случајот, Орданче Соколовски, кој е вработен во фирмата што ги поставувала камерите во Собранието, рече дека ги вадел снимите од камерите на 28 април, во присуство на инспектори од МВР кои имале налог од Обвинителството.

Тој рече дека не ги гледал снимките, затоа што ги зеле инспектори од МВР. Вториот сведок ја смени изјавата и даде спротивен исказ од оној даден во истрагата за тоа што видел во Собранието на 27 април лани. Обвинителот Јакимовски по ова побара и доби дозвола од судот да го потсети сведокот што сведочел во истрагата.

На обвинителната клупа повторно ќе седнат обвинетите Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески – Кобра, како и Кире Ѓоргиевски и неговиот татко. Последните двајца беа уапсени во мај лани, како осомничени за физички напад и влечење на Села кој потоа во критична состојба заврши во болница.

Како што изјави обвинителот на едно од минатите рочишта, единствена причина поради која Села преживел, е што тепачите мислеле дека е веќе мртов.

Адвокатот на Села на минатото рочиште рече дека од обвинетите бараат 500.000 евра – материјални трошоци за лекување и нематеријални за претрпената физичка и душевна болка и повреда на личниот интегритет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top