| четврток, 6 декември 2018 |

Лукајиќ пред првото македонско „вечно дерби“: За ваквите мечеви се работи и живее!

Екипата на МЗТ Скопје, водена од стратегот Жељко Лукајиќ обезбеди пласман во финалето од Купот на Македонија. Во полуфиналето ја совлада Блокотехна, а наредната пречка ќе биде „вечниот ривал“ Работнички. Посебни емоции се будат кај аеродромци кои се желни за одмазда за претходниот пораз во првенството, но и кај Лукајиќ, затоа што за него ова е прво македонско „вечно дерби“.

Тренерот кој има 59 години има богата тренерска кариера и има поминато многу дербија. Зад себе има искуства во екипите на Партизан, ПАОК, Хемофарм, а како стратег на МЗТ, за него ова е прв дуел со Работнички.

– Знам што значи овој дуел. Таков притисок во кариерата имав многу. Учесник бев на големото дерби Звезда-Партизан, имав големи дерби-натпревари со Хемофарм, како и уште многу други големи финалиња со екипите кои што сум ги водел зад себе. Тоа е нешто за кое се работи и се живее во кошарката. Таквите дерби-мечеви се стрес, но затоа работиме и ги сакаме тие мечеви. Тие носат голема популарност, убавина на кошарката и носат љубов кај малите деца да го сакаат овој спорт. Тие ги носат на трибините и големите имиња како Перо Антиќ, Врбица Стефанов, Петар Наумоски, Тодор Гечевски и уште многу други. Се надевам дека заедно ќе уживаме заедно во една добра кошаркарска претстава на теренот и на трибините“, истакна Лукајиќ.

„Вечното дерби“ меѓу МЗТ Скопје и Работнички ќе биде шесто во Куп-финалињата, а засега води Работнички со 3-2 во меѓусебните мечеви. Последниот дуел меѓу аеродромци и центарци се одигра во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на првенеството и го добија „црвено-белите“, со 71-76.

(извор – Гол.мк)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top