| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот на Бугарија го посети Бигорскиот манастир

Претседателот на Република Бугарија Румен Радев заедно со митрополитот Пловдивски г. Николај и митрополитот Старозагорски г. Кипријан, придружувани од митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, денеска го посетија манастирот Свети Јован Крстител, попознат како Бигорски манастир.

Игуменот на Бигорскиот манастир архимадрит Партениј му порача на Радев дека е прв претседател на друга држава што ја посетил илјадалетната Бигорска обител и оти тоа не е случајно.

– Ние цврсто веруваме дека оваа посета е јасен показател дека најблискиот ни бугарски народ и неговоата власт ќе продолжат како и досега да ја поддржуваат целовитоста, напредокот и благоуспевањето на Република Македонија и нејзините жители, не само на внатрешно, туку и на надворешно поле. Таквата несебична поддршка, во иднина ќе покаже уште појасно кои се вистинските пријатели и браќа на македонскиот народ и неговата држава, рече архимадрит Партениј.

Тој им се заблагодари и на патријархот Неофит и на Синодот на Бугарската православна црква што испратиле свои претставници кај нив и додаде дека се надева оти Охридската архиепископија, во годината кога го празнува своето илјадалетие, ќе го доживее своето признавање и ќе го добие местото во семејството на помесните православни цркви, со посебен Томос од „Мајката на сите цркви“, светата Вселенска патријаршија, како што налага божествениот црковен ред.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top