| четврток, 6 декември 2018 |

Пандев: Чест беше да се тренира со Роналдо, вечно ќе го паметам голот со Баерн

Горан Пандев со својата Џенова ќе оди на мегдан со италијански Интер во рамки на Серија А ова коло. Токму „нераѕурите“ се поранешен клуб на најдобриот активен македонски фудбалер, па тој со голема почит зборуваше за нив пред меѓусебната пресметка.

„Го сакав Савичевиќ кога Црвена Звезда беше силна, а потоа пристигнав во Интер каде беше Роналдо. Тој беше дефинитивно моќен фудбалер, чест беше да се тренира со него. Тој беше пример за сите фудбалери“, вели Пандемонио, кој млад ја напушти родната Струмица и од Беласица премина во Интер, во далечната 2001 година.

Кариерата му се движеше преку Анкона, Специја, Лацио, за на крај пак да дојде меѓу „нераѕурите“. Вели дека најдраг гол му е оној против Баерн Минхен во Лигата на шампионите во 2011 година.

„Дадов многу голови во тој дрес, но секогаш ќе го паметам оној против Баерн Минхен во осминафиналето, кога постигнав гол во финишот и со Интер патувавме во наредната фаза“, додава тој.

Кажа нешто и за градот, во кој ужива.

„Џенова е убав град, луѓето се прекрасни. Со семејството се адаптиравме многу добро. Го сакаме центарот и рестораните околу, среќен сум тука, исто радосни се и моите деца. Често гледам фудбал, уживам во него“, заврши Македонецот.

Натпреварот меѓу Џенова и Интер се игра в сабота, со почеток од 20.45 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top