| четврток, 6 декември 2018 |

Минатата година 155 животи згаснале на сообраќајниците низ Македонија, најмногу сообраќајки за време на викендот

Во 2017 година во Македонија животот го загубиле 155 лица, а 6.224 се потешко повредени во 4.019 сообраќајки со потешки последици, вели статистиката на Министерството за внатрешни работи.

Најголемиот број од сообраќајните несреќи се случиле на територијата на Секторот за внатрешни работи Скопје (1.652) во кои загинале 37 лица, а 218 се повредени. Следува територијата на СВР Тетово со 473 несреќи во кои животот го загубиле 10 лица, а повредени се 39.

Градските улици се најчестото место каде се случуваат сообраќајните несреќи со тешки последици. Во 2.560 несреќи во 2017 година случени во градска средина животот го загубиле 42 лица, а 3.495 биле повредени. Следни на црната листа се локалните, па регионалните патишта.

Статистичките податоци говорат дека деновите за викенд, односно петок, сабота и недела, се денови кога се случуваат најголемиот број од сообраќајните несреќи во кои има загинати и повредени лица.

Грешките на возачите, односно брзото возење е најчестата причина поради која се случуваат трагедии. Поради брзо возење во 2017 година животот го загубиле 72 лица, а 1.254 се потешко повредени. Како втора причина е недржењето страна и правец на движење, при што загинале 31 лице, а повредени се 848.

Летните месеци се оние во кои се случуваат најголемиот број од сообраќајните несреќи кои имаат тешки последици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top