| четврток, 6 декември 2018 |

Бракот не ме интересира, јас одамна сум оженет за науката: Никола Тесла ја одбил најубавата жена на своето време

Кога на Балканот се зборува и се пишува за научникот Никола Тесла, најчесто се дискутира за неговото потекло.

Малку е познато дека српскиот поет Лазар Костиќ бил близок пријател со Тесла и дека во едно писмо до него му предложил да се ожени со Ленка Дунѓерски, една од најубавите и најобразованите жени на нивното време.

Оваа информација ја потврдува Перо Зубац во документарецот за Костиќ во кој се спомнува пријателството на поетот и научникот.

Костиќ со години бил заљубен во Дунѓерски, која била 30 години помлада од нег. За да се оддалечи од неа засекогаш, му предложил на Тесла да се ожени со неа.

На предлогот на Костиќ да се ожени со Ленка, која тогаш имала 25 години и била ќерка на еден од најбогатите луѓе во Србија во тоа време, Тесла одговорил:

„Бракот не ме интересира, јас одамна сум оженет за науката.“

Тесла никогаш не се оженил и тврдел дека неговата девственост му помага во научните достигнувања.

Кога бил помлад имал изјавено дека се чувствува дека не е доволно добар за една жена, бидејќи ги сметал жените за супериорни во секој поглед.

Неговото мислење почнало да се менува низ годините и подоцна рекол дека смета оти жените се обидуваат да ги надминат мажите и да бидат подоминантни. Тесла со презир почнал да ја гледа ваквата „нова жена“ која според него почнува да ја губи женственоста обидувајќи се да дојде до моќ.

Во интервју за „Galveston Daily News“ објавено на 10 август, 1924 година тој изјавил:

„Нежната жена со тивок глас која ја обожавав, стана жена која смета дека главниот успех во животот се состои од тоа да биде што е можно повеќе како мажот – во начинот на облекување, во гласот и во постапките, во спортот и во достигнувања од секаков вид… Тенденцијата на жената да го истурка мажот на страна, да го замени стариот дух на соработка со него во сите сфери од животот, мене многу ме разочарува.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top