| четврток, 6 декември 2018 |

Народна банка ќе дели чоколатца на ученици и на студенти

Оттаму велат дека млечните чоколади се само една од брендираните форми на материјал за репрезентативна и протоколарна намена, при што е и една од најевтините.

По примерот на многу централни банки во Европа и македонската Народна банка ќе дели млечни чоколатца како репрезентација, а најголем дел од нив ќе завршат кај ученици и студенти, велат од Народната банка по веста дека е во тек јавна набавка за 68.000 чоколатца, со тежина од најмалку 5 грама, со вкупна тежина од 340 килограми и со вкупна проценета вредност од 2.000 евра. Притоа, чоколатцата треба да содржат минимум 25 проценти какао делови и минимум 3,5 проценти млечна маст.

– Станува збор за млечни чоколади, кои се обвиткани во хартиена фолија со логото на Народната банка и мостри на банкноти и монети, кои по примерот на многу централни банки, и НБРМ ги користи за репрезентативни, односно протоколарни цели уште од 2012 година. Млечните чоколади се потребни при посетите на ученици и на студенти, кои доаѓаат во рамките на активностите за финансиска едукација (просечно, по 2.000 ученици и студенти годишно во изминатите две години, а веќе се најавени и голем број посети во претстојниот период годинава), децата од предучилишна возраст, учениците и студентите што го посетуваат Музејот на Народната банка, а најмал дел од млечните чоколади се користат за послужување официјални гости на раководството на Народната банка – изјавија за „Слободен печат“ од НБРМ.

Оттаму велат дека млечните чоколади се само една од брендираните форми на материјал за репрезентативна и протоколарна намена, при што е и една од најевтините.
Инаку, како што веќе информиравме, во тек е и јавна набавка на други видови репрезентативен материјал со проценете вредност од речиси 30.000 евра.

Што се однесува до јавната набавка за цвеќе и цветни аранжмани со проценета вредност од 4.000 евра, цвеќето ќе се користи во текот на годината, а како што велат од НБРМ, тоа ќе биде декорација за повеќе настани.

– Во случајов, тоа е потребно поради запазување на протоколите при одбележување значајни датуми (потсетуваме дека гувернерот или лице овластено од него редовно оддава почит при одбележување значајни историски датуми), запазување на протоколите при организирање некои од настаните во Народната банка (станува збор за десетици настани, а не за еден настан) и други активности што подразбираат почитување не само на домашни, туку и на меѓународни протоколи – велат од НБРМ.

 

извор: slobodenpecat.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top