| четврток, 6 декември 2018 |

Караџовски: Судии и претседатели на судови прашуваа дали ќе има масовни разрешувања

Првиот човек на Судскиот совет на Република Македонија Зоран Караџовски изјави дека се лажни вестите што деновиве беа објавени во јавноста во врска со разрешување на стотина судии.

– Во врска со, јас ги нареков „лажните вести“, овие денови голем број судии и претседатели на судови се јавија во Судскиот совет да прашаат дали навистина ќе разрешуваме над сто судии. Тоа воопшто не е точно. Едно е претставка, а друго барање за разрешување,
изјави Караџовски по завршување на првиот дел од седницата на Судскиот совет, што беше отворен за јавност.

Посочи дека до овој момент во Судскиот совет има вкупно 217 претставки и поплаки доставени од граѓаните и правни лица за работата на судиите или претседателите на судовите.

Во оваа бројка, како што истакна, се и претставките и поплаките што се вратени во работа кај СС, а се незавршени или незапочнати од веќе укинатиот Совет за утврдување факти за одговорност на судија.

– Има вкупно пет барање за утврдување одговорност за судија доставени согласно Законот за судски совет, без разлика дали се поднесени во периодот додека постоеше Советот за утврдување на факти или во периодот после измената и дополнувањето на Законот за судски совет,
рече Караџовски.

Истакна дека на денешната седница за оние предмети за кои е доставено барање за утврдување одговорност за судија од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти ќе определуваат кој член на СС ќе го застапува соодветното барање.

– Согласно измените на Законот за судски совет овластен подносител ќе биде тој член што ќе го избереме во затворениот дел на седницата и потоа согласно Законот за судски совет со жрепка се формира комисија од три члена која потоа ќе има законска обврска да расправа, да поканува и, како што со законот е предвидено, да истражува. Кога ќе ја заврши својата работа таа треба да достави извештај до сите членови на СС на седница,
појасни првиот човек на СС.

Нема рокови до кога треба Комисијата да заврши со работата, рече Караџовски но, како што додаде, добро е што Законот за СС има предвидено добри механизми, затоа што често пати се случуваат проблеми и со доставување на писмата и поканите.

Има добри механизми во Законот, така што мислам дека постапката на тие комисии нема долго да трае, а по завршување на дејствијата на Комисијата рокот во кој треба да достави извештај до СС е 15 дена, додаде тој.

Како претседател на СС рече дека ќе инсистира, да не се меша во работата на комисијата што денеска ќе се избере, меѓутоа ќе инсистира таа во најкраток можен рок да си ја заврши својата работа за сите предмети.

Караџовски појасни дека по 217-те претставки и поплаки од граѓаните и правни лица, Судскиот совет најмалку еднаш месечно треба да одржува седници.

Посочи дека сите претставки и поплаки се распределени по автоматски систем по случаен избор кај сите членови на Судскиот совет и дека седниците на кои се расправа по нив се јавни, со почитување на Законот за заштита на личните податоци и прејудицирање на одговорност.

Просекот на разрешени судии во изминатите четири-пет години, како што рече Караџовски, бил еден до еден ипол судија, за разлика од, како што додаде, претходниот период пред десеттина година, кога имало поголем број на такви разрешувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top