| четврток, 6 декември 2018 |

Наставници од Свети Николе обвинуваат за политички реваншизам – Нас не отпуштаат вработуваат други без ниту ден искуство

На повеќе наставници во основните училишта во Свети Николе не им е продолжен договорот за работа, иако некои од нив имаат и по девет години работно искуство. На нивно место се вработени луѓе без ниту еден ден искуство во образованието, велат наставниците кои останале без работа. Од друга страна, и од двете училишта во градот, „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“ велат дека се консултирани правници и се било регуларно. Наставниците на кои не им е продолжен договорот велат дека ова е чист политички реваншизам.

Наставникот по музичко образование во училиштето „Гоце Делчев“, Николче Тренчев, ни објасни дека девет години работел како наставник и после девет години, за прв пат не му е продолжен договорот.

– Училишниот одбор препорача мојот договор да биде продолжен, но новата директорка на училиштето, поради притисоци од новата власт во градот, на мое место вработи наставник кој нема положено ниту стручен испит за наставник – вели Тренчев.

Од училиштето „Гоце Делчев“, пак, велат дека училишниот одбор одлучил да не му го продолжи договорот на наставникот Тренчев.

– Училишниот одбор гласаше и донесена е одлука да не му се продолжи договорот и на неговото место примен е друг наставник. Тоа место не го потполнуваме со работен договор на неопределено, бидејќи тие часови се на наставник кој во моментов е раководител во училиштето во село Горобинци – ни изјавија од училиштето.

Во другото градско училиште, „Кирил и Методиј“, дознаваме дека не им се продолжени договорите за работа на долгогодишна наставничка по италијански јазик и школскиот психолог.

Наставничката била одјавена од новата директорка додека држела часови и во истиот ден биле повикани новите вработени. Според информациите што ги добивме, наводно, директорката ја игнорирала препораката на училишниот одбор и советот на родители и на местото на наставничка со шест години искуство во државното образование вработиле наставник кој нема ниту еден ден искуство.

Директорката на училиштето „Кирил и Методиј“, Саша Мицевска, објаснува дека се било регуларно и директорот има право да одлучува.

– Тоа се луѓе кои беа вработени на определено време, кои што имаа право да бидат кандидати на јавен оглас, но директорот има право да одлучи кого ќе избере. Кандидатите кои што се одбрани на јавниот оглас се со соодветно образование. Соодветни луѓе се избрани, на јавен оглас, а доаѓаа и инспекции кои немаа никаква забелешка. Еден од кандидатите кој што е примен има работно искуство, а кандидатот кој што е одбиен за истата позиција, има само три или четири месеци повеќе работно искуство од примениот – вели Мицевска.

 

Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, не сакаше да коментира за настаните, само ни кажа дека бил на терен.

Целиот текст на Слободен печат

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top