| четврток, 6 декември 2018 |

„Трансверзалец”: Александар и Калина ќе ни недостасуваат бескрајно

Планинарското друштво „Трансверзалец” ги доставило сите потребни информации до соодветните институции во врска со загинувањето на Калина Велевска и Александар Миновски.

На својата Фејсбук страна, планинарското друштво напиша дека со изјава ќе излезе во петок по завршувањето на истрагата и објавувањето на извештајот.

„Со жалење и неизмерна тага изразуваме сочуство за прерано изгубените животи на нашите Калина и Александар. Тие беа дел од нашата заедница и клубот, и ќе им недостасуваат на сите членови и планинари. Уште еднаш искрено сочувство до нивните семејства и блиски. Двајцата другари и колеги планинари ќе ни недостасуваат бескрајно и секогаш ќе се сеќаваме на убавите спомени од сите наши заеднички акции”, се вели во објавата на ФБ.

Во врска со овој трагичен случај, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија соопшти дека формирале посебна комисија од нивни членови и експерти која ќе ги анализира околностите под кои загинаа двајцата планинари.

Претходно, семејствата на загинатите преку писмо изразија сомневање во професионалноста на организаторите на турата и бараа одговорност.

Калина и Александар загинаа при искачување на планината Кајмакчалан изминатиот викенд. Тие ќе бидат погребани денес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top