| четврток, 6 декември 2018 |

Кучиња од Македонија злоставувани во Германија (ФОТО)

Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ) бара од македонските надлежни служби да се инволвираат во случај кој беше отворен во Германија, кога службата за ветеринарство и контрола на храна во Бергиш, на периферијата на Вупертал, во напуштен објект со ужасни услови, пронашла 54 кучиња и 3 мачки, од кои 33 кучиња биле од Македонија.

Како што наведуваат од ААПЖ германскиот весник „Билд“ пренел страотни фотографии направени на лице место, каде што се гледа дека животните биле чувани во услови под секое достоинство, а голем број од нив биле болни, изнемоштени, и имале заразни болести, тумори и паразити.

„Бараме од Агенцијата за храна и ветеринарство да стапи во контакт со германските колеги, за да се утврди дали станува збор за нелегален канал за ‘извоз’ на кучиња во Германија, кои се посредниците кои го овозможуваат ова и дали испраќањето на животни од Македонија во други држави се прави во согласност со законските прописи“, велат од Асоцијацијата.

Оттаму доаваат дека секој кој одлучил дека на кучињата треба да им се бара дом во европските држави, треба да биде осигуран дека животното е здраво, дека ќе се чува во соодветни услови и дека потоа истото ќе заврши во дом каде што ќе му биде пружена љубов, сигурност и безбедност.

„Разбираме дека на голем број улични кучиња и мачиња, особено оние со физички хендикеп, во Македонија не можат да им се најде соодветен дом. Со вакви случаи многупати сме се соочувале и ние, кога едноставно сме биле принудени да им бараме дом надвор од Македонија. Но, останува фактот дека за да се испрати едно животно надвор од државата, треба да бидеме стопроцентно сигурни дека животното ќе заврши во вистински раце, односно првично треба да се стапи во контакт со здружението во другата држава која ги презема животните, да се провери преку повеќе канали дали тоа здружение работи според пропишаните закони и стандарди, а дури откако ќе се стекне доверба, да се премине кон процедурата на вдомување“, истакнуваат од Асоцијацијата на активисти за права на животните.

Велат дека со ваквото постапување на одредени поединци, се докажало дека голем број животни се испраќаат во смрт.

„За да не доаѓа до вакви несакани настани во иднина, ги предупредуваме сите љубители на животни да внимаваат кому донираат пари за животни и да ја следат трагата на животните за кои донираат. Ги замолуваме сите оние кои донираат, тоа да го прават исклучиво преку официјално регистрирани здруженија во земјава, а не преку поединци“, стои во соопштението.

Од ААПЖ истакнуваат дека во меѓувреме очекуваат македонските служби да се вклучат во расчистувањето на овој случај, за да не се дозволи повеќе животни од Македонија да се испраќаат надвор од државата за да умираат бавно, а некој од тоа да профитира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top