| четврток, 6 декември 2018 |

Вработените од „Веибо“ ја одблокираа магистралата А2, до решавање на проблемот ќе протестираат пред фабриката

Околу сто и педесет текстилни работници од „Веибо Груп” и денес со двочасовна блокада на магистралниот пат А2, Куманово-Крива Паланка, граничен премин со Бугарија, Деве Баир, протестираа за неисплатените плати.

– Ова е начинот за да бидеме слушнати од раководството, кое не се огласи на сите наши досегашни повици и барања. Не одговараат ниту на телефонските повици, ниту на пораките во електоронска пошта, едноставно, немаме ниту писмен документ, како што посочија. Следен наш чекор би бил влез во фабриката, симболичен или пак нешто што ќе ги предизвика сопствениците да се огласат, изјави Вирџини Јовановски, поранешен работник во „Веибо Груп“, Крива Паланка.

И денеска се формираа неколку километарски колони возила. Превозници, дистрибутери, добавувачи кои сообраќаа кон и од Крива Паланка останаа два часа на магистралата. Камионџии кои транзитираат од Бугарија преку Македонија, а патуваат и по повеќе од десет часа беа принудени да останат два часа кај клучката на излезот од Крива Паланка.

– Нервозни сме, ова ни ја отежнува работата. Не бевме информирани за блокадата и заглавени сме тука, а веќе требаше да сме во Скопје, вели еден од превозниците.

Претставници на вработените велат дека блокадите ќе завршат, но протестот ќе продолжи се до добивање на платите кои им ги должи фабриката.

– Ние бараме разбирање за проблемот кој го имаме и имаме разбирање за сите кои два дена недолжни чекаа во колоните на патот. Не сакаме да правиме проблеми никому, па затоа повеќе нема да блокираме патишта, но протест пред „Веибо“ е она што со сигурност ќе го направиме. Исто така размислуваме какви други радикални чекори да превземеме. До тогаш ги повикуваме и сегашнито и поранешниот градоначалник на Крива Паланка да изнајдат начин на локално ниво да се реши нашата неправда. Исто така апелираме да се огласат, макар и во медиуми, сегашниот но и поранешниот премиер на Македонија, за да не останеме како колатерална штета, посочија од Иницијативниот одбор на работниците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top