| четврток, 6 декември 2018 |

Владата ќе го продава „мерцедесот“ на аукција со почетна цена од 230.000 евра

Владата денеска донесе одлука да го продаде автомобилот на поранешниот премиер Никола Груевски, „мерцедес бенц С600“, преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии.

Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно со проценката на Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет-страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk.

Во кривичниот суд се води судски процес за набавката на „мерцедесот“ од 600.000 евра. Случајот под име „Тенк“ го отвори СЈО, а со обвинението се опфатени експремиерот Никола Груевски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Ивор Мицковски: Го обезвреднија владиниот мерцедес за да го сликаат

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top