| четврток, 6 декември 2018 |

Детали за тоа што точно се случи на Кајмакчалан

Македонија и граѓаните на Воден, соседна Грција, особено во местото Лутраки се во шок. Сите едноставно не можат да веруваат во тоа што се случи и како дојде до оваа трагедија, пренесува Нова Македонија.

Кога го посетивме Лутраки, веднаш по информациите за исчезнувањето на двајцата македонски планинари, Митре, сопственикот на ресторанот „Кај Митре” задушувајќи се во солзи ни рече дека тоа е голема трагедија.

– Тој ден имаше големо невреме. Дуваше силен ветер, а и беше многу студено. На тој дел од Кајмакчалан, каде што се изгубија двајцата планинари, постојано има такви витли што тешко можат да ги совладаат и тие што најдобро ја знаат оваа планина. Како се решија по такво невреме да се искачат на Кајмакчалан групата планинари не знам. Но доколку мене ме прашаа јас ќе им забранев да се искачуваат – ни вели Митре од Лутраки.

Од планинарскиот клуб „Трансверзалец” не сакаат да излегуваат во јавноста со детали за тоа како се случи трагедијата. Некои од групата велат дека покрај водачот на експедицијата, наводно и Калина, како искусна планинарка била втора водичка на групата и затоа била последна и имала со себе радиостаница. Во еден момент поради невремето било предложено експедицијата да се врати назад. За таквата одлука по воки-токи била известена и Калина, која почнала да ги известува планинарите од крајот на колоната, па нанапред, за промената на планот, за да се вратат назад во Лутраки.

Според информациите со кои располагаа локалните жители од Лутраки, а кои не беа потврдени од надлежните служби за потрага и спасување, во еден момент таа и Александар наводно се одвоиле од групата, но само за да спасат некоја жена што заостанала. Тоа е моментот по што им се губат трагите. И покрај тоа што тие преку радиостаницата го лоцирале местото каде што се наоѓаат, па потоа преку своите мобилни телефони, преку универзалниот сигнал 112 побарале помош, а три члена на експедицијата се вратиле по нив, поради тешката виулица и силен студ, не успеале да се сретнат и извлечат како група, а Калина и Александар останале загубени во планината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top