| четврток, 6 декември 2018 |

Нова „војна“ за имињата на улиците во Вашингтон, во Москва и во Анкара

– Најновото „препукување“ помеѓу Москва и Вашингтон, во стилот на Студената војна, се одвива на Твитер, со преименување на улиците, објави „Њујорк тајмс“.

Весникот посочува дека преименувањето на улиците во Вашингтон и во Москва, каде се сместени амбасадите, е чиста провокација. Но, „Њујорк тајмс“ истакнува дека „војната“ ја почнаа САД.

На 10 јануари Градскиот совет на Вашингтон одлучи да го смени името на еден блок во Висконсин авенија, каде е сместена Амбасадата на Русија. Одлучено е името на улицата, каде се наоѓа руското дипломатско претставништво, да биде Борис Немцов плаза.

Немцов беше истакнат руски опозиционер и критичар на рускиот претседател Владимир Путин. Тој е убиен пред Кремљ во февруари 2015 година.

На таквата провокација одговори Русија односно предложи да се преименува улицата во Москва каде се наоѓа Амбасадата во САД во „Северноамерикански ќор сокак број 1“ (1 North American Dead End). Предлогот е објавен на Твитер од десничарскиот пратеник Михаил Дегтјарјов, кој тврди дека Московската комисија за именување на улици ќе го разгледа неговиот предлог.

Трендот со преименување на улиците се прошири и во Турција. Градоначалникот на Анкара Мустафа Туна вчера изјави дека планира да го смени името на улицата во која се наоѓа Амбасада на САД и да се нарече според моменталната офанзива на Турција во Сирија.

Тој на Твитер напиша дека улицата Невзот Тандоган ќе биде наречена улица Маслиново гранче.

Турција минатиот месец ја почна операцијата Маслиново гранче, чија цел е борците на сириските Курди да се протераат од северозападна Сирија, а тие борци се главен сојузник на САД во борбата против Исламска држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top