| четврток, 6 декември 2018 |

Како се случи трагедијата на Кајмакчалан: Биле ли планинарите предупредени од ски центарот за лошото време?

Грчки медиуми известуваат дека Калина и Александар се одделиле од групата, и најверојатно изгубиле ориентација поради лошите временски услови.

Членови на нивната група се јавиле на бројот за итни случаеви 112, по што започнала потрагата. Телата на младите планинари биле забележани околу 11 часот во недела претпладне, оддалечени едно од друго околу 30 метри.

Исто така, во грчките медиуми е наведено дека планинарите биле предупредени од ски центарот да не одат на планинарење, поради лошите временски услови во саботата наутро, објави Фокус.мк.

Секој учествува на своја одговорност

На официјална страница на „Траансверзалец“ е објавена информацијата за дводневната акција за искачување на врвовите Кајмакчалан и Кравица на планината Ниџе на 10- ти и 11- ти февруари. Според програмата, групата од планинари било предвидено да тргне од Скопје завчера, со автобус. Искачувањето на врвот Кајмакчалан започнувало од од 2.020 мнв од ски терените и за искачување на врвот се совладувала надморска височина од 500 метри. Должината на патеката била 3,5 км во правец, и биле потребни максимално 2.5 часа за искачување. По искачувањето следела посета на Едеса (Воден) во претпладневните часови, а во рамки на турата била предвидена и посета на најголемиот водопад Керинос од 70 метри. Потоа било предвидено сместување во Лутраки, а вчера ( недела) од пет часот наутро требало да започне акцијата за искачување на врвот Кравица. Искачувањето на врвот Кравица висок 1.682 мнв било предвидено да трае 4 часа, а за симнување биле потребни 3 часа. Во попладневните часови, групата требало да си тргне назад, кон Скопје. Цената за оваа авантура изнесувала 2.000 денари.

Она што е интересно е дека во неколку наврати е напоменато дека секој учесник сам е одговорен за несакани последици, доколку не ги почитува правилата и насоките од организаторите, како и тоа дека секој учествува на сопствена одговорност. Наведено е и дека патничко осигурување учесниците обезбедуваат самостојно, како и дека наведената планинарска акција е организирана и движењето се одвива во група предводена од организаторите и водичите. Пракса на речиси сите планинарски друштва е истата напомена – дека организаторот не сноси никаква одговорност и секој учествува на свој ризик. Исто е и со планинските велосипедски трки и атлетски маратони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top