| четврток, 6 декември 2018 |

„Монструм“ денеска повторно во судница

Судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро почнува од почеток. Нема информации до какви сознанија доведоа „бомбите“ во предистражнатата постапка на СЈО

Во Кривичниот суд во Скопје денеска почнува повторното судење за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година.

Шест лица беа осудени во „Монструм“ на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам. Во Кривичниот суд во Скопје на обвинителна клупа денеска повторно треба да седнат Хаки Азири, Агим Исмаиловиќ, Сами Љута и Фејзи Азири, на кои ќе им се суди за убиството на четирите момчиња – Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, и 45-годишниот Борче Стевковски.

На 24 ноември Врховниот суд на Република Македонија ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

Јавната обвинителка Лилјана Спасовска, побара укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот „Монструм“ на повторно одлучување поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.

По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Што кријат „бомбите“?

Како ќе се одвива повторениот процес, засега е многу нејасно. Обвинението за овој случај сѐ уште е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а целото внимание е свртено кон СЈО, кое располага со дел од доказите („бомбите“) коишто евентуално би можеле да го сменат текот на постапката. Такви очекувања во 2015 година произлегоа од изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека меѓу незаконски следените комуникации има телефонски разговори и смс, кои може да фрлат нова светлина за вистината за петкратното убиство. На прашањата какви сознанија произлегуваат од разговорите, тој одговараше: „Нема јас да го толкувам тоа. Може тие докази нема да ги дадат сите одговори, но може ќе дадат огромен процент и расчистат многу облаци кои сѐ уште надвиснуваат над овој процес“.

„Заев е поголем монструм од убијците“ – таткото Наќески за маскарот кај Смиљковското Езеро

 

Заев ги предаде тие докази во СЈО, каде што сѐ уште трае предистражната постапка за овој случај. Откако Врховниот суд го врати предметот на почеток, Заев изјави: „Сега барем постои фер-шанса за правда. Можеби тие докази кои ги има во СЈО ќе ги потврдат оние кои веќе ги има, или пак ќе доведат до вистинските извршители. Важно е и родителите и семејствата на убиените да ја знаат вистината. И тие ќе бидат мирни ако знаат дека до крај се се истражило и дека вистинските убијци ќе одговараат“.

„Алфа“ го објави целиот разговор со таткото на убиениот Наќевски: Заев е преварант и монструм (ВИДЕО)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top