| четврток, 6 декември 2018 |

Прекинато судењето за Космос – на одбраната не и се доставени записниците од претходното рочиште

Во кривичниот суд денеска, во тензична атмосфера, беше прекинато судењето за уривањето на станбениот комплекс „Космос“. На одбраната на првообвинетиот екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и на ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки, не и биле доставени записниците од минатото рочиште кои Судот законски требал да им ги достави во рок од 24 часа. Адвокатите на обвинетите законски оправдано, бараа увид во записниците за да можат да продолжат со своите воведни говори.

„Бараме право на фер одбрана. Минатото судење се кажаа многу работи, се донесоа заклучоци и поради тоа сакаме увид во кажаното за да можеме да продолжиме со водедниот говор. Бранителот има законско право на увид во записниците. Со ова врз мене и врз целата одбрана е извршено понижување кое во членот 3 од Европската Конвенција тотално се забранува секакво понижување на човекот”, рече адвокатот Димитар Дангов.

На ова се надоврза и адвокатот Дончо Наков кој како образложение за тоа зошто им се потребни записниците рече:

„Како ќе дадам забелешки на записникот или ќе го прифатам во целост кога не сум го видел“.

Образложението на судијата Огнен Ставрев беше тоа дека записниците не биле доставени до одбраната бидејќи по грешка на аудио-визуелната форма на записник односно на видео ЦД-то по грешка биле снимени консултациите меѓу судиите кои се одвивале на минатото судење.

Судија Огнен Ставрев

По кратко советување судиите одлучија да го презакажат рочиштето за на 15-ти февруари, за кое пак одбраната имаше забелешки дека тоа е прерано. Не е можно во толку краток рок да се преслушаат сите докази, ЦД-иња и СМС пораки и да се спреми одбраната за да излезе со сослушување на сведоците. Дотолку повеќе што истите обвинети месецов имаат пренатрупана агенда со судски рочишта.

Адвокатите ги бараа доказите, но судијата Ставрев остана на тоа да им понуди простории во Судот каде што ќе можат да имаат увид во истите. Иако со решение фактички Судот го задолжил Обвинителството да им ги даде доказите на одбраната, тоа не се случи.

„На минатото рочиште го задолживте СЈО да ги даде доказите, а сега го променивте ставот. На сите судења се донесуваат различни одлуки по ист проблем. Како ќе доаѓаме секој ден на судења и ќе ги преслушуваме обемните доказни материјали. Ова е веќе фарса”, рече експремиерот Никола Груевски.

Второобвинетиот Миле Јанакиевски побара според членот 369 за тајност, сите обвинети и одбараната да потпишат дека доказите ќе им бидат дадени под кривична одговорност, но и тоа судијата Ставрев го одби.

Судија Осман Шабани

Судијата Огнен Ставрев го менува ставот од рочиште во рочиште, а вториот судија Осман Шабани со нескриена видлива наклоност и пристрасност кон СЈО и недозволиво и нескриено нетрпение кон обвинетите, континуитано нервозно влегува во кавга со адвокатите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top