| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја објави збирката поезија „Нема што повеќе да се изгуби“ на македонски и на англиски јазик

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави збирката поезија „Нема што повеќе да се изгуби / Nothing More to Lose“ од палестинскиот поет Наџван Дарвиш, објавена двојазично на македонски и на англиски јазик. Препевот на македонски е на Дарко Ангеловски, а на англиски на Карем Џејмс Абу-Заид.

„Нема што повеќе да се изгуби“ е книга што извира од родното место на авторот, градот – Ерусалим, или во еден поширок контекст тоа е Палестина. Оваа книга копка и разбранува, растажува, но и ја враќа надежта во свет на почитување и разбирање. Овие стихови на поетска врата ја враќаат исконската потреба на човековата душа од разум, мир, продлабоченост и рафинираност.

„Иако неговата поезија понекогаш е политичка, таа отелотворува и универзална порака, која потсетува на големиот поет мистик Руми“, пишува за поезијата на Дарвиш „Поетри интернешнел“.

„…Ваквата поезија не игра игри: јазични, критички, теоретски, не се осврнува ниту на академизмите, туку гаѓа директно во срцето, директно во суштината, додека на секоја страница, во секој стих доминираат лирскиот глас и самотестирачката моќ…“, ја оценува оваа книга Натаниел Тарн.

Наџван Дарвиш го нарекуваат еден од најважните арапски поети на сегашноста. Преведен на повеќе од 20 јазици, меѓу кои и на англиски, во една од најважните издавачки куќи во светот. Постојан гостин е на големите поетски фестивали, ширејќи ја својата поезија и добрата мисла. Ова издание ги донесува неговите стихови од најпреведуваната збирка на два јазика, на македонски и на англиски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top